ОЈО бара притвор за Вељаноски, Јанакиески и Ристовски: Го организирале и материјално го поддржале движењето „За заедничка Македонија“

by fokus

По спроведена сеопсежна предистражна постапка, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, предвидено и казниво по член 313 од Кривичниот законик, соопштија вечерва од Основното јавно обвинителство. ОЈО побара притвор за петтмината осомничени, од кои Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски попладнево беа приведени.

-Наодите од предистражната постапка укажуваат дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите. Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните. Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничените, се вели во соопштението на ОЈО.

Поврзани новости