Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен жител на селото Грчец, за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори според член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Полициски службеници, во вечерните часови на 14 април, се обиделе да го запрат автомобилот со кој управувал осомничениот на клучката Стајковци. Но, тој не постапил според дадената звучна и светлосна сигнализација за запирање, ја зголемил брзината движење и се дал во бегство. Во еден момент, од возилото фрлил најлонска вреќа која содржела над 1,2 килограми наркотична дрога – марихуана. Набрзо потоа тој го запрел автомобилот, бил легитимиран и уапсен. При преглед на возилото помала количина марихуана била најдена и меѓу двете предни седишта на автомобилот. Во исказот даден пред јавен обвинител денеска осомничениот признава дека неовластено ја поседувал марихуаната од која се обидел да се ослободи на наведениот начин.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.