Охриѓани гневни на новинарката на ББЦ, таа тврди дека не и го разбрале сарказмот: Мочла една, охридски колбас не си пробала, затоа така зборуваш!

by Fokus

Стотици коментари со критики, па и навреди на социјалните мрежи доби Сузан Кианпур, новинарка на ББЦ, која објавува репортажи од различни светски туристички дестинации.

Пред неколку дена на Твитер таа ја најави својата во Охрид, со пораката туристите да ја посетат Македонија, пред да стане место примамливо за многу туристи. Објави дека ова е нејзина 70-та дестинација, од предвидените 100 за кои објавува репортажи.

Потоа, Кианпур објави видео од Охридското езеро, низ кое плови со кајче и се гледаат прекрасните пејсази. Под видеото напиша – Дефинитивно не доаѓајте на Охридско Езеро. Тоа е апсолутно ужасно место во Македонија. Супер скапо. Лошо време. Многу гужва.

Но, сарказмот со кој новинарката всушност сакала да го пофали Охрид, не наиде на разбирање кај пошироката јавност.

На интернет страници посветени на Охрид, бројни се пораките во кои охриѓани ја напаѓаат, ја навредуваат и ја прашуваат кој ја платил за да му направи антиреклама на Охрид. Се оди до таму што дури и посакуваат и ќотек, па и забрана за влез во земјава.

– Љубоморна, очи истерала, мочла, не си пробала охридски колбас, затоа така пишуваш… се само дел од пораките кои и ги упатија револтирани охриѓани.

Но, по објавата на видеото на Твитер, кое веќе има над 100.000 прегледи, читателите кои го сфатиле нејзиниот сарказам ја прашуваат дали веќе разгледала недвижнини во Охрид.

-Да, веднаш по првиот ден! Ова место е прекрасно, без разлика на тоа што очигледно луѓето не го разбраа мојот саркастичен хумор – пишува Кианпур.

Вики Клинчарова

Поврзани новости