Градежни машини кои бетонираат се фотографирани на кејот од Охридското Езеро од албанска страна. „Охрид СОС” објави фотографии од Тшемиште. Тие реагираат на ваквите активности и велат дека уништувањето продолжува.
– Додека албанските власти во извештајот доставен до УНЕСКО наведуваа некакви проекти за заштита на Охридскиот Регион, споделуваа фотографии од средби и настани, на терен деновиве се случува нешто друго. Се бетонира во Охридското Езеро, како што се гледа од фотографиите, но немаме повеќе детали. Машините се регистрирани кај Тушемиште – велат од здружението.
Како што посочуваат, според нив, ова е уште еден доказ дека нема реална заштита на природното наследство на Охридскиот Регион и дека уништувањето продолжува.
– Иако тој дел е само четири години на листата Светско наследство, ги преживува истите проблеми и притисоци како и македонскиот дел. На средба со неколку албански организации и жители на Поградец неодамна, имавме прилика да дознаеме за одредени планови и намери кои не се усогласени со стандардите за заштита, кои би можеле да го нарушат биодиверзитетот и чудно е како се форсираат, кога албанските институции се обврзале да го заштитат светското наследство. Не попусто се препорачува од страна на меѓународните организации интегрирана заштита, ускладени закони и стандарди и интегрални планови за управување, од двете држави – завршуваат од „Охрид СОС“.