Фирмата „Летница Белвица“ е новиот концесионер што наредните шест години ќе стопанисува со рибниот фонд на Охридското Езеро.
Компанијата на електронската аукција за стопански риболов понудила надомест за концесија во вкупен износ од 9,92 милиони денари за период од шест години, како и стопроцентен надомест од вредноста на издадените дозволи за рекреативен риболов на ревирот.
„Летница Белвица“ го добива езерото на користење со изменета риболовна основа. Измените се однесуваат во делот на утврдување на периодот на мрест, времето во кое е дозволен риболовот, намалени се количините на дозволен улов на охридска белвица и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за Охридската пастрмка, белвицата и крапот.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски вчера истакна дека сигурно е подобро со езерото да стопанисува концесионер, за на тој начин да има поголема контрола на рибниот фонд.
Сигурно е дека на тој начин ќе можеме да имаме контрола, каде што може инспекторатот да излезе на терен и да има увид во состојбите. Веќе имаме информации за запленување мрежи, сега има инспекторатот кого да повика на одговорност. Кога немавме концесионер состојбата сигурно беше полоша и имаше простор за рибокрадство. Сега знаеме каде да интервенираме доколку имаме пријава, инспекторатот знае кого да побара. Без концесионер не можевме да вршиме ниту порибување, така што во секој случај е подобро на овој начин кога има стопан, изјави Димковски.
Инаку, „Летница – Белвица“ е во сопственост на стружанецот Милорад Чавковски кој беше одговорно лице на струшката подружница на претходниот концесионер „Пастрмка 2012“