Охридско лето продолжува со концерт на саксофон квартетот „Фукио“

by fokus

Музичката програма на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концертот на „Фукио“ саксофон квартетот од Шпанија, во состав Хоакин Саез Белмонте на сопран саксофон, Хавиер Ларсон Паез – алт, Хозе Мануел Бањулс Маркос – тенор и Kсабиер Касал Арес- баритон саксофон.

„Фукио“ се еден од највозбудливите млади саксофон квартети во Европа. Од нивното основање во 2007 година квартетот е интензивно посветен на истражувањето на камерната музика за саксофон.

Тие настапуваат на сцените во Германија, В. Британија и Шпанија, во Фондацијата „Хуан Марч“ и Националниот аудиториум во Мадрид, но и на бројни фестивали како Австриската академија „Импулс“, фестивалот за современа музика во Хадерсфилд, Фестивалот за саксофон во Мајорка, како и на фестивали во Келн, Дизелдорф, Франкфурт и на Фестивалот „Young Euro Classis“ во Берлин.

Добитници се на бројни награди и признанија од меѓународни натпревари како натпреварот на Музичката младина на Шпанија, натпреварот „Класична порта“ во Барселона, и меѓународниот натпревар Јамаха во Мадрид. Го освојуваат и златниот медал на натпреварот во Луксембург, прва награда на Високата школа за музика „Менделсон“, како награди во Милано и на натпреварот за нова музика во Карлсруе. Активно се посветени на порачки на нова музика за нивната формација, а еден од главните интереси на „Фукио“ е образовната работа и работата со млади, па често одржуваат мајсторски курсеви и работилници на Универзитетот во Источна Англија и на музичката академија на Балеарските острови. Нивни ментори се квартетот „Касалс“, а поддржани се од фондацијата „Вернер Рихард- Карл Доркен“.

На концерот закажан за од 21 часот во Предворјето на „Света Софија“ се дела на Дворжак, Албениц, Пјацола, Ниман, Понсе и Лаго.

Поврзани новости