Охридските журки направија „пепел“ од заразени од Ковид 19

by Fokus

Во последните десетина денови бројките на заразени од Ковид 19 алармантно почнаа да растат, па така последните дневни извештаи на министерството за здравство покажаа 518 заболени само за едно деноноќие. Тоа што е уште пострашно во целата приказна е што бројките последните неколку денови се зголемуваа за повеќе од 100 на дневно ниво.

Како официјални податоци, најмногу заболени досега има во Тетово и Скопје, но тоа што не е познато е дека многу од заболените заразата ја фатиле додека биле на летување во Охрид, кој во овој период од годината е преполн со туристи и воопшто не може да се најде слободно место. Според секојдневните објави на социјалните мрежи може да се забележи дека редовно се одржуваат журки и на плажите, но и вечерни концерти на познати пејачи од Македонија и странство, кои се доста посетени.

Сепак, како што се враќаат накај Скопје така постепено почнуваат да се појавуваат симптомите на заразата, кај некои дури и без разлика што се вакцинирани. Меѓу нив има доста млади луѓе од 12 до 20 години, кои се редовни посетители на журките. Според нашите информации, по цели групи на млади се вратиле во Скопје заразени по посетата на Охрид.

„ На одмор биле цела група другарки. Две 17-годишни се заразени и тоа сигурно фатиле на журките, кои нормално како млади ги посетуваат секој ден. Мерките се ептен олабавени и може да се случи страшен бран во септември, објаснува за „Фокус“, скопјанка, која имала контакт со едно од децата.

Епидемиолозите кои редовно се на терен тврдат дека слично како и лани, големиот бран на заразени ќе се појави кај младите кои слободно се движат насекаде, одат по журки до раните утрински часови.

„Ова што се случува е страшно. Имаме толку многу заразени за овој период, а бројките како што почнале уште малку ќе стигнат до 1.000 на дневно ниво.  Тоа што толку се олабавени мерките си го направија своето, а граѓаните само тоа го чекаат. Како што сме почнале, никогаш нема да излеземе од оваа ковид пандемија, раскажува за „Фокус“ епидемиолог, кој сакаше да остане анонимен.

Слободно можеме и да потврдиме дека и официјалните бројки не се точните бројки, со оглед на тоа што многу од заболените воопшто не се тестираат или пак се тестираат со брзите тестови во аптеките, така што не се водат како нови регистрирани случаи.

Ако се направи според со лани овој период, бројките на заразени во август се движеле од 100 до 140 на дневно ниво, додека сега на средината на август стигнавме до бројки од околу 400 заболени на дневно ниво, што значи дека во септември не очекува нов бран на заразени.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости