Пирова победа во Баку, вака активистите од „Охрид СОС“ ја коментираат вчерашната одлука на УНЕСКО кој даде уште една шанса за поправка и рок од осум месеци да се исполнат сите 19 препораки на реактивната мисија, но и пофалбата на владините претставници дека успеале да го зачуваат Охрид.
-Не се бореа лавовски, но победија. Благодариме што таа наша победа је преточивте во Владина одлука. Ние се боревме за спас на Охрид, на Галичица, на езерово а вие се боревте за власт, за фотелји. Нигде ве немаше тогаш. Ама нејсе. Битно три – четири одлуки се изгласаа. И тогаш почнаа со јас тебе ти мене. Топката кај нас (Охрид) па топката кај вас (Влада) и така две години – велат од „Охрид СОС“.
Активистите се на ставот дека она што не се сработило за две години, тешко дека ќе успее за осум месеци.
-Не чуди како ќе се реализираат сите нереализирани препораки. По кој распоред ќе се оди сега. Што е поприоритетно. Има мнооооогу. Колектор, Сатеска, Блато Студенчишта, Буково, Пруга за Албанија и Автопат со Албанија, План за управување со регионов, Закон за Охридски регион, Прогласување на мораториум за градба, Студии за влијание врз животна средина барем за 400 објекти кои се во заштитено подрачје. По два проблеми месечно треба да се решаваат. За две години се донесе само попис на дивоградби. Процесов не е само носење на политички одлуки со кревање на рака. Има и работа и на терен. Ќе треба некои објекти и да се срушат. Ама пред тоа да одговараат сите кои издале решенија и дозволи за градба во делови каде не смеело да има објекти. Рушете го и моето и на моите, ама и на вашите или нечии пријател, роднина во Влада. Без пардон- порачуваат од „Охрид СОС“.
Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски пак кој беше дел од владината делегација вели новата шанса УНЕСКО ја даде поради неколку причини.
-Сегашната Влада е формирана само два месеци по Извештајот на УНЕСКО (2017-та година) од мониторингот на Охридскиот регион. Среќа што во Баку сите многу добро го знаеја тој податок и го препознаа цинизмот. Дали ја добивме битката? Да. Дали ја добивме војната? Допрва треба. Ако уште од утре, буквално од утре, сите чинители во државата не преземеме конкретни и одлучни чекори за заштита на Охрид, тогаш не го ни заслужуваме – напиша Жерновски.
Јавноста го очекува и ставот на градоначалникот Георгиевски по одлуката и барањето за осум месеци да се срушат дивоградбите, но иако требаше да слета вчера, а денес да даде изјава пред медиумите, поради технички проблеми, се враќа утре, а брифингот со новинарите е закажан за понеделник, кога ќе треба и да каже дали и како општината ќе се справи со кусиот рок за да ги исполни препораките и да го задржи Охрид на листата заштитени светски природни и културни наследства.