Општина Охрид не е сама во борбата за задржување на градот како светско културно наследство. Во целата приказна е вклучена и владата, која вели дека е посветена на решавање на сите недостатоци детектирани од УНЕСКО. Министерот за дијаспора, Едмонд Адеми, кој ја предводеше македонската делегација на сесијата во Баку, за 1тв вели дека првиот чекор сега треба да го направи охридската локална власт, заедно со експерти од министерството за животна средина и да направат евалуација на спорните 400 објекти во заштитениот појас.
– Тоа е надлежност на општината заедно со министерството за животна средина и со експерти од областа на културната заштита и ќе ги направат анализите за да се провери влијанието на тие објекти на животната средина. Има работи кои треба и мора да се завршат, краткорочни активности. Има работи кои се среднорочни, има и заклучоци на влада донесени на 11 јуни на седницата на влада, точно со која институција до кој рок треба да си ја заврши обврската која што и е зададена, рече Едмонд Адеми.
Општина Охрид располага со само еден градежен инспектор и мал буџет за рушење на дивоградби. Оваа информација ја сподели градоначалникот Георгиески кој беше дециден во ставот дека локалната власт со овој сериозен проблем, не може да се справи самата.
– Вие мислите дека општината може да се справи со овој проблем? Со еден градежен инспектор и со 1,5 милиони денари за отстранување на бесправно изградени објетки. Тоа е проблем. Охрид не е само на охриѓани, Охрид е светско културно наследство и државата треба да се погрижи за доведување во ред на состојбите кои што се години наназад извадени од колосек, изјави Константин Георгиески, градоначалник на Охрид.
Георгиески е изјави дека ова воопшто нема да биде лесен процес, и дека не може да се очекуваат резултати преку ноќ. Според него битката за Охрид ќе се интензивира на сите полиња, а ќе покаже не само одговорност на властите, туку и дали и како функционира политичкиот систем во државата.