За дочекот на Новата 2022 година, охридскиот градоначалник д-р Кирил Пецаков ќе биде помеѓу своите сограѓани и гости од други места, кои решиле новогодишната ноќ да ја поминат во Охрид, каде на плоштадот ,,Свети Климент Охридски” ќе има организирана празнична програма со локални музичари.
За ,,Фокус” вели дека се надева на весела и убава прослава, но раскажа и за настаните во неговиот живот кои му ја обележале годината која изминува.
Пецаков (36) од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој е стоматолог по професија, дојде на функцијата градоначалник на последните локални избори, кога негов противкандидат беше Константин Георгиески од СДСМ, вели дека годината која изминува ќе ја памти по многу нешта.
Му донела успеси и убави моменти, но и му одзела дел од слободното време кое во минатото го посветувал на блиските.
-Иако беше уште една година во која сите се соочивме со голе број на предизвици поради пандемијата, 2021 ќе ја паметам како година со позитивни животни промени и година со бројни успеси на личен и професионален план.
Завршив со мојата специјализација и се стекнав со звањето Специјалист по детска и превентивна стоматологија. На моја голема чест ја добив довербата од мојата матична партија и бев кандидат за градоначалник на Општина Охрид, а што е уште позначајно, ја добив довербата од моите драги сограѓани, да го предводам нашиот град и заедно да обезбедиме посветла и поубава иднина за сите, раскажува градоначалникот.
На прашањето што му донесе, а што му зеде 2021 година, одговара – Ми донесе важни животни искуства, голем број на нови пријателства, успешна работа и нови ангажмани.
Новите професионални обврски како градоначалник ми донесоа нова динамика во секојдневието и затоа не ми останува многу слободно време за моето семејство, пријателите и спортот – вели д-р Пецаков.
Инаку, уште пред неколку месеци тој за ,,Фокус” раскажа дека неговата сопруга Билјана, која исто така е стоматолог по професија му е најголемата животна поддршка. Биле во брак седум години и имаат два сина, на возраст од шест и една година.
Во минатото професионално се занимавал со ракомет, но изминатите пет години спортот му бил само хоби.
-Изминатата година ме научи на поголемо трпение, на нова надеж, на поголема посветеност и поголема верба во луѓето. Ме научи дека силната желба, посветеноста и јасната цел секогаш водат кон успех, раскажува градоначалникот.
За очекувањата во 2022 година, без двоумење вели дека првенствено се надева како ќе се стави крај на актуелната пандемија, и посакува добро здравје.
-Очекувам реализација на голем број на развојни и значајни проекти за нашиот Охрид и обезбедување на подобри услови за живеење и напредок на секое поле. Упатувам срдечни новогодишни честитки до сите граѓани, со желби за среќа, мир и благосостојба – изјави тој за ,,Фокус”.
Вики Клинчарова