Сѐ повеќе е јасно дека Бугарија не е единствениот наш непријател во ЕУ и дека Македонија веќе не е единствената жртва на неправдата на Брисел, туку во игра е целиот Западен Балкан. Сепак, постојат две работи што даваат барем мала надеж: сплотеноста на регионот, која сега е поголема од секогаш и навистина безрезервната подршка што ја даваат САД
Пишува: Дејан АЗЕСКИ
Признание за одамна заслуженото место во ЕУ, солидарност од соседите од Западен Балкан и најотворена можна поддршка од САД. Ова се трите работи што ги доби Македонија од импресивно организираниот „Преспа Форум 2021“, кој веројатно е најголем и најуспешен настан од ваков тип, кога било одржан во нашата држава.
Сепак, без разлика на сета добиена поддршка, многу малку се оптимисти дека нашиот евроинтеграциски пат наскоро ќе биде вистински деблокиран.
Словенија јавно најави дека ќе испрати делегација во Софија и од позиција претседавач на ЕУ ќе се обиде да изврши притисок. Но, премиерот на оваа држава истовремено јасно ни кажа дека Бугарија како членка секогаш ќе има предност во нивните очи пред која било земја што допрва треба да се интегрира со Унијата.
По овие јасни изјави на Јанша, не успеа да нѐ утеши ни помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, кој рече дека сега Унијата нема кредибилитет доколку не се преземат конкретни активности за почеток на преговорите.
„Се надеваме дека Европската Унија ќе ги одржи првите меѓувладини конференции со двете земји и ќе се случи ова. Ги слушнавме заложбите на словенечкото претседавање со ЕУ. Веруваме дека не е соодветно и дека е штетно за кредибилитетот на ЕУ за нашите заеднички вредности да се сузбие процесот на проширување”, изјави Рикер, кој воедно е и поранешен амбасадор на САД во земјава.
Никој не може да оспорува дека ваква поддршка од толку високо рангиран дипломат на САД не значи ништо, но Македонците убаво се сеќаваат дека во Букурешт 2008 година нѐ поддржа лично тогашниот американски претседател Џорџ Буш, па без разлика на тоа ни требаа уште цели 12 години за да влеземе во НАТО.
ПОГОЛЕМ ПРОБЛЕМ ОД МАКЕДОНСКО- БУГАРСКИТЕ ОДНОСИ
Наш прв соговорник ни беше политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, кој ни ги повтори сите пречки со кои се соочува Македонија, но, сепак, не заборави да повтори дека останува оптимист за брзо решавање на ова прашање.
„Мора да направиме разлика дека спорот со Грција беше билатерален спор меѓу две држави, од кој беа засегнати само тие две држави. Ова што моментално се случува со ЕУ го засега целиот регион, плус има импликации на геополитиката. Затоа верувам дека спорот ќе биде решен на ваков или таков начин, и тоа што поскоро”.
Според Муслиу, по Самитот во Охрид, на сите им е јасно дека нашата држава во спорот со Бугарија буквално нема направено ниту една грешка.
„Ајде, можеби во спорот со Грција правевме некои намерни провокации, со кои ѝ дававме аргументи на другата страна. Но, во овој случај, апсолутно не постои таква работа. Крајно сме конструктивни и заслужуваме напредок. Нормално, дека не можеме да правиме ниту нерационални компромиси”, додава нашиот соговорник.
Тој е со став и дека интеграцијата на Западен Балкан никого не може да излаже дека е замена за ЕУ.
„Меѓусебното интегрирање на регионот е апсолутно многу позитивен процес, но тоа е исто така процес што може да го завршиме и сами. Значи, не може ЕУ да ни продава како успех нешто за што тие не ни се потребни. Затоа никој не треба да има заблуда дека со ова ќе се залажеме на долг рок”, вели тој.
Муслиу ја искоментира и изјавата на Јанша дека ЕУ е семејство во кое сите треба да бидат задоволни.
„На Унијата апсолутно не треба да се гледа како на друштво на акционери, туку како на сет вредности“, потенцира Муслиу.
Но, прашање е дали овој сет на вредности за кој зборува Муслиу не е изменет на полошо за време на целиот овој период, додека ние чекаме на вратата на Унијата.
РЕСЕТИРАЊЕ НА ЕВРОИНТЕГРАЦИСКАТА СТРАТЕГИЈА
На оваа тема го контактиравме и долгогодишниот дипломат Љупчо Арсовски, кој по последните случувања дефинитивно е убеден дека Македонија треба да направи ресетирање на евроинтеграциската стратегија.
„Ако кажете: „за јазикот и за идентитетот не попуштаме“, оставате простор за порака дека за други прашања сте подготвени да попуштите, односно дека во принцип сте подготвени за нови отстапки. Во таква ситуација, притисокот се насочува кон вас”, вели Арсовски врз база на богатото дипломатско искуство.
Тој смета дека изјавата на португалската политичарка Ана Пола Закаријаш треба да биде алармантен сигнал за подзапирање на процесот на преговори со Бугарија, согледување и анализа на целиот развој на односите со источниот сосед, ЕУ и евроинтеграциите.
Арсовски е само еден од плејадата наши и регионални интелектуалци, кој размислува на овој начин. Единствено останува да се понадеваме дека овие гласови ќе допрат и до раководството на ЕУ.
ОД ЗАПАДНИОТ БАЛКАН ЗРАЧИ ОПРАВДАН ГНЕВ КОН ЕУ
Запазено присуство во Охрид имаа и премиерите на Албанија и Србија, кои, покрај тоа што ја поддржаа Македонија, кажаа и некои работи за кои од официјален Брисел навистина треба да се замислат.
Според албанскиот премиер Еди Рама, кој веројатно го имаше најемотивен настап во Охрид – Балканот во неможноста да најде заеднички јазик со Унијата е натеран да го бара својот пат.
„Не би сакал повеќе да зборуваме во стилот дека сме фрустрирани и сме во депресија. Не, не сме фрустрирани и не сме во депресија и ние сме супер. И искрено ако може да се мери депресијата, тие во ЕУ се поисфрустрирани и подепресивни од нас.
Нема да се жалиме и нема да молиме и да велиме ние сме добри дечки, зошто не нѐ сакате. Ајде ве молам, прва меѓувладина конференција, што е тоа. Не сакате да имаме прва меѓувладина конференција, добро, една помалку конференција за нас“ , изјави Рама.
Неговите ставови отворено ги поддржа и српската премиерка Ана Брнабиќ.
„Тоа е сложен процес и станува сѐ покомплициран, како што видовме со примерот на Северна Македонија. Повеќе не се работи за европски вредности, за напредок во клучните области, сега се внесуваат билатерални прашања и тоа не билатерални во вообичаена смисла, туку прашања на јазик, толкување на лингвистика, историја. Тоа се работи за кои навистина не може да извршите никакво влијание“, рече Брнабиќ.
И настапите на косовскиот премиер и на црногорскиот претседател не беа воопшто поблаги во насока на Европската Унија, што јасно кажува дека Балканот сѐ повеќе се обединува, не само во интеграциите кон ЕУ, туку и против неправдата, која сѐ повеќе ја добиваме од таа страна.
Мини дипломатски инцидент
АМБАСАДОРОТ НА ХОЛАНДИЈА ЈАВНО ИМ СЕ СПРОТИВСТАВИ НА АМЕРИКАНЦИТЕ
Она по што ќе биде запаметен овој самит е и по жестоката реторика, која на јавна сцена ја разменија претставниците на ЕУ и на САД.
Имено, холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп жестоко реагираше на настапот на Американецот, Едвард Џозеф на „Преспа форум за дијалог“, откако сегашниот професор и поранешен претставник на Меѓународната кризна група кажа дека ЕУ извршила предавство на сопствените вредности со непочнувањето преговори со Северна Македонија.
„Кога една земја ќе направи тоа што е побарано од неа, а ЕУ потоа не испорачува, што првпат се случи во 2019 г. кога Франција ја блокираше Северна Македонија, тоа доби соодветен назив – историска грешка. Кога ЕУ го направи тоа вторпат, сега, преку ситуацијата со Бугарија, тоа е предавство.
Тоа е предавство на европските вредности. Тоа е предавство на почитувањето што го посакувате од Американците и природата на, цитирам „партнерството со ЕУ за Балканот“. Тоа е предавство. Идејата дека ЕУ ќе го „преземе“ Балканот и ќе го продолжи овој пат е фарса“, изјави Џозеф.
Сепак, овој негов смел и жесток настап не остана без одговор од страна на претставниците на ЕУ.
„Tоа што нашиот американски пријател целосно го заборави е една разлика меѓу САД и Европа, а тоа е што Алабама нема право на вето на надворешната политика на Вашингтон. Во Европа, Бугарија – има. Тоа се нарекува – владеење на правото.
Ви се допаѓало тоа или не, тоа се нашите правила и Бугарија ги користи. Владеењето на правото, за мене, е многу поважно од збор како „почит“ кој јас, вообичаено, го резервирам за шефовите на мафии“, изјави Дирк Јан Коп, актуелен амбасадор на кралството Холандија во земјава.