Охридската лебедица Каролајн: Во очите и се чита тагата!

by fokus

Во центарот на Охрид, во таверната ,,Момир” секоја вечер на летната тераса посетителите можат да забележат интресна слика. Прекрасна лебедица со едно крило во вечерните часови допливува до терасата, го вперува погледот нагоре и чека. Веднаш штом ја видат, вработени во локалот доаѓаат и и ја носат вечерата. Најчесто тоа се разни печива, кои лебедицата едно по едно, полека и без брзање ги зема во клунот. Откако ќе вечера, таа си го продолжува патот во далечината на езерото.

Бобан од Крива Паланка, кој со години наназад работел како келнер во таверната ни ја раскажа приказната за лебедицата Каролајн. Вели дека имала повеќе од десет години, а до пред четири години редовно пливала покрај локалот заедно со својот партнер. Но, откако тој пред четири години угинал, таа останала сама.

-Лебедите се познати по тоа дека целиот живот го минуваат само покрај еден партнер. Откако партнерот на Каролајн угина, таа е сама со години, и се гледа тагата во погледот. За да биде приказната полоша, и се случи да го изгуби десното крило пред неколку години. Дојдоа ученици на екскурзија, ја фатиле, и го повредиле крилото, и така за цел живот ја оставија со едно крило. Повредена и исплашена, таа започна секоја вечер да ни доаѓа пред терасата. Чудно, не лови риби, иако ги има доста кои пливаат околу неа, туку се храни само со печивата кои секоја вечер и ги носиме ние, вработените во ,,Момир”. Се спријателивме со неа, питома е, редовен ритуал ни е да ни дојде и да чека вечера – раскажува Бобан.

Додава дека првите години таа немала име, ја викале само лебедица. Кога една гостинка од Холандија го прашала како се вика, тој сфатил дека по сите години дружба, лебедицата треба да си добие име.

-Ме затекна прашањето на холанѓанката. Навистина, лебедицата требаше да добие име. Ја прашав тогаш гостинката како се викаа таа, и кога ми одговори дека се вика Каролајн, и реков дека лебедицата ќе ја крстиме по неа. И така си го доби името. Нашите гости често и викаат Каролина, странците Каролајн. Прекрасна е сцената кога навечер ни допливува, кога со милни очи гледа кон терасата и не чека да се појавиме со храната. Сите гости ја гледаат со восхит, акога ќе им ја раскажам нејзината животна приказна, на некои дури и очите им се полнат со солзи – раскажа Бобан.

Црвеноклуните лебеди за прв пат пристигнале во Охридско Езеро во зимата 1978 година. Тогаш за прв пат дошле три пара лебеди кои презимувале на езерото. Птиците се познати по брачната верност до крајот на животот. Мажјакот е секогаш во близина на женката и ја штити од опасности. Се хранат со риби и водни растенија и инсекти. Лебедите се вистински украс за езерото. Најчесто страдаат поради човечки фактор, односно поради несовесни граѓани, кои во повеќе наврати и во минатото ги имаат повредено.

Вики Клинчарова

Поврзани новости