Охрид се подготвува за Водици, последен кум беше осудениот Зоран Кичеец!

by fokus

Општина Охрид деновиве се подготвува за одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление-Водици, на 19-ти јануари, кога Светиот крст се фрла во водите на Охридското Езеро.

Илјадници посетители од целата земја традиционално присуствуваат на настанот, кој годинава ќе започне на 18-ти, со концерт на хрватската музичка ѕвезда Петар Грашо, а ќе трае се до 20-ти јануари, кога концерт ќе одржи Миле Кузмановски во чест на Денот на рибарите.

Околу тоа дали ќе има кум на настанот, годинава нема информации. Во минатото, кога настанот беше во организација на здружението Богојавление, кумот се соопштуваше на 4-ти декември, на празникот Пречиста. Но, откако здружението во 2016 година и ја препушти организацијата на МПЦ, односно Дебарско – кичевската епархија, настанот се одржува без кум.

Како потсетување, последен кум од земјава на манифестацијата беше тогашниот бизнисмен Зоран Милески –Кичеец, заедно со балканската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, во 2015 година. Кичеец и стана познат на пошироката јавност како третоосомничен во случајот ,,Рекет” а минатиот месец беше осуден на три години затвор, откако призна вина.

Тогаш Милески за медиумите изјави дека конечно, по четири години конкурирање за кумството, му се исполнила желбата. Откри дека уште како дете скокал по крстот, и порача дека очекува кумството да му донесе здравје и среќа.

Јоксимовиќ пак, изјави дека многу е среќен што луѓето низ Охрид го поздравувале со –Куме, и порача дека Милески го смета за свој брат.

Двајцата кумови го даруваа фаќачот на крстот со сребрена реплика на Чесниот крст, тешка околу еден килограм и опточена со позлата.

-Со тоа што ги донесовме кумовите Жељко Јоксимовиќ и Зоран Милески ние докажавме дека нашите соништа се веќе остварени. Се надеваме дека наредната година ќе имаме европски кум – изјави тогаш претседателот на Богојавление, Љупчо Арнаудов.

Сепак, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески на прес конференцијата по повод настанот, при изнесувањето на деталите за чествувањето на празникот и целокупната организација, не спомна ништо околу тоа дали годинава е избран кум.

Вики Клинчарова

Поврзани новости