Охрид во екот на туристичката сезона, повторно, се гуши во чад од депонијата Буково. Жителите на Охрид се жалат дека неподнослива миризба се чувствува речиси секоја вечер, а чадот особено е интензивен во утринските часови, кога навлегува во домовите.
Изминативе денови екипите на ЈП „Охридски комуналец“ во повеќе наврати излегоа на терен за да ги изгаснат опожарените површини. Депонијата се третира со алги со цел задушување на пожарот, а со специјална механизација делот кој e зафатен со пожар се покрива со големи количини земја. Но, тоа не го решава трајно проблемот кој со години ги мачи жителите на Охрид.
Дивите депонии се закана и за Струга, каде мештаните често алармираа за тешката миризба која што го загрозува нивното здравје. Иако во најава е изградба на регионална депонија во југозападниот дел на земјата, решение се уште нема.
Изминативе денови беа забележани чести пожари во депонијата Буково. Како што информираат од „Охридски комуналец“, во саботата 29 јули во попладневните часови од страна на непознато лице бил подметнат пожа. Екипите веднаш излегле на терен и го локализирале пожарот, но веќе по два дена на 31 јули бил подметнат друг пожар на сосема друга страна од депонијата Буково. Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков за ДВ вели дека денеска конечно е изгаснат огнот во депонијата, но дека се уште се чувствува чад. „Екипите продолжуваат со депонирање на земја“, вели тој.