Оградата од вила „Билјана“ во Охрид денеска му е вратена на српското собрание. На чинот на примопредавање учествуваа охридскиот градоначалник Константин Георгиевски со делегација од Северна Македонија, како и претседателот на парламентот во Србија, Ивица Дачиќ.
Станува збор за уметнички обработена ограда, која првично била поставена околу српското собрание, каде што се наоѓала од 1936 до 1956 година, а дел од неа потоа завршил во вила „Билјана“, која во времето на Југославија била изградена како резиденцијален објект на Јосип Броз Тито, а денеска се користи како резиденција на претседателот на Републиката.
Дачиќ кажа дека Србија се интересирала за оградата уште на средбата со шефот на дипломатијата, Бујар Османи во Белград и сакале да ја добијат за одбележувањето на 85 години од првата седница на српското собрание.
-Јас им се заблагодарувам на министерот Бујар Османи, на градоначалникот на Охрид и на Амбасадата, што така бргу реагираа. Во последно време имавме низа чекори кои севкупно сочинуваат една коцка во мозаикот кои ја покажуваат вистинската слика како нашите односи треба да бидат братски и пријателски и би сакал така да останат и понатаму, изјави Дачиќ.
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, изјави дека примопредавањето на дел од оградата е знак на пријателство меѓу двата народа и ги покани граѓаните на Србија да го посетат Охрид.
-Ова е гест на пријателство и поврзување помеѓу двата народа и унапредување на соработката помеѓу Охрид и Република Северна Македонија со Република Србија, како на полето на културата, туризмот, бизнисот и секако на зајакнување на политичките односи меѓу двете држави, рече охридскиот градоначалник.
Во Белград тој најави дека српските туристи ќе бидат ослободени од плаќање паркинг во Охрид.
Дел од македонската делегација е и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, кој заедно со Георгиевски ќе има средба и во Министерството за туризам и трговија на Република Србија.
Видеото од прес-конференцијата на претседателот на српското собрание и охридскиот градоначалник можете да го погледнете тука.