Охрид ќе трчаТ по трет пат

by fokus

На втори јуни во Охрид ќе се одржи третото издание на спортската манифестација Охрид ТрчаТ. Планирани се две трки на пет и на десет километри. Од организацијата ги повикуваат сите вљубеници во трчањето да се запознаат со сите активности околу настанот на страницата www.ohridtrcat.mk .

– Започнуваме со Ноќната трка во петок на 31-ви мај, продолжуваме во сабота со подигнувањето на стартните пакети, социјални активности, а завршуваме со главниот настан на 2-ри јуни. Трчајте, забавувајте се и уживајте во Охрид е паралота за третото издание на Охрид трчаТ. Охрид трчаТ викендот оваа година ќе го завршиме со музичка забава за сите учесници и посетители која ќе се одржи пред платото на Дом на култура Григор Прличев од 11 часот – информираат од организацијата на трката.

Лани на спортскиот настан, чија цел е подигнување на јавна свест, навремена и бесплатна дијагноза, пристапност и достапност на лековите за пациентите со ретки болести, трчаа министрите Венко Филипче, Драган Тевдоски и Дамјан Манчевски.
И годинава е најавено учество на голем број на јавни личности.

-Овој настан е уште еден во низата на настани за подигнување на јавната свест за ретките болести, за да се потсетиме дека на семејствата им треба поддршка, им требаат соодветни здравствени и социјални услуги. Ретките семејства се такви, секој подава рака на другиот, затоа што сме свесни за товарот кој го носиме- по повод настанот ни изјави минатата година Гордана Лолеска, активист на здружението на граѓани за ретки болести ,,Живот со Предизвици’’.

Вики Клинчарова

Поврзани новости