Охрид ќе биде празнично украсен, а ќе има и организиран новогодишен дочек на градскиот плоштад. Ќе настапуваат само локални изведувачи, чии имиња се уште не се прецизирани, потврди за ,,Фокус” градоначалникот Кирил Пецаков.
Тој појаснува дека за забавната програма и за украсувањето на градот, ќе бидат одвоени околу 20 илјади евра од буџетот.
За празниците во Охрид се очекуваат туристи од земјава, но и од странство. Туристички агенции од регионот веќе го нудат Охрид во своите празнични аранжмани.
Минатата година поради пандемијата со корона вирус, во земјава немаше организирани прослави по повод новогодишниот дочек на градските плоштади.
Пред тоа, за време на дочекот на новата 2020 година во Охрид настапуваа Ефто Пупиноски, Ѓоко Танески и групата Камелеон. И во 2019 година охриѓанецот Ѓоко Танески настапуваше на плоштад за новогодишниот дочек, а претходната 2018 година пак, концерт имаше Даниел Кајмакоски.
Вики Клинчарова