Во пресрет на новогодишните празници, Охрид ја објави новогодишната програма која ќе започне на 28-ми декември, а ќе трае се до вечерните часови на први јануари 2024 година.
Како што информира градоначалникот Кирил Пецаков, за време на дочекот, публиката ќе ја забавуваат повеќе музички имиња, со цел да се понуди забава за различните музички вкусови. ДНК, Нино Величковски, Татијана Стефановска, диџеји и групата Фортуна ќе настапат на 31-ви декември, додека пак наредниот ден, со почеток на пладне, ќе гостува Драган Мијалковки и групата Балкан џем.
-Со „Светот на Биби“ на 28-ми декември започнува Новогодишната програма што на градскиот плоштад “Св. Климент Охридски“ во Охрид ја организира локалната власт. Наредниот ден на плоштадот ќе се одржи театарската претстава „Ракавиците на Дедо Мраз“, а на 30-ти декември детската претстава „Далматино и Дедо Мраз“. На 31 декември на плоштадот ќе биде одржан музичко – театарскиот спектакл за деца и млади „Новогодишна детска бајка“.
Сите случувања кои се дел од новогодишната програма, а се посветени за најмладите ќе започнуваат во 12:30 часот.
За забавниот дел на дочекот на Новата Година на градскиот плоштад во Охрид ќе се погрижат диџеите Јана Слеј и Багзи, Татијана Стефановска, групата DNK, Нино Величкоски и групата „Фортуна“. Почетокот е закажан за 21:00 часот.
На 1-ви јануари 2024 година, точно на пладне ќе настапат групата „Балкан џем“ и Драган Мијалкоски- информира градоначалникот.
Охрид е подготвен да прими голем број на туристи за време на празниците. И лани, за новогодишните празници во градот владееше убава атмосфера, со многу посетители и богата забавна програма за оние кои решиле да прослават на плоштад, но имаше и многу познати музички имиња во рестораните и клубовите.
Како потсетување, на помалку од две недели до новата година, ниту Скопје, ниту пак поголемиот дел од градовите, се уште немаат објавено официјална информација дали воопшто ќе имаат организиран дочек на плоштад.
Вики Клинчарова