Интернационалниот фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“ по 28-ми пат распишува конкурс за нови композиции, што ќе го имаат премиерното издание на 9-ти, 10-ти и 11-ти септември на најубавата сцена на Балканот, Долни Сарај во Охрид.
-Искрено се надеваме дека состојбата со пандемијата ќе се среди и дека ќе се вратиме на „старата нормалност“, што ќе се одвива во три фестивалски вечери: фолк, поп и интернационалната вечер.
Фолк- вечер ќе се случува на 9-ти септември и освен новосоздадени фолк песни од нашата земја, со свои нови композиции ќе можат да учествуваат и странски автори – од регионот и пошироко. Поп-вечер е закажана за 10-ти септември, а финалната, Интернационалната вечер, за 11-ти септември 2021 година – појаснуваат од организацијата.
Условите за учество на „Охрид фест – Охридски трубадури 2021“ се да се испрати демо-снимка и текст на македонски јазик; наслов на композицијата; назнака – за која фестивалска вечер е наменета песната (Поп, Фолк, Интернационална); композициите претходно да не бидат изведувани и податоци на авторите (име, презиме, авторската улога во тимот), и контакт информации.
-Годинава фестивалот става посебен акцент и дава голема подршка за дебитанти, новите музички сили, кои ќе имаат можност да настапат на 28-то издание на „Охрид фест- Охридски трубадури“, и во фолк и во поп вечерта. Демо-снимките од нивните композиции е потребно да бидат со пратечки инструменти, пијано и гитара.
Своите композиции авторите треба да ги испратат на следните електронски адреси: ohridfest.produkcija@gmail.com и grigorkoprov@yahoo.com
На конкурсот можат да учествуваат сите домашни и странски автори кои ги исполнуваат условите за учеството, а рокот за поднесување на пријави е до 15-ти април 2021 година – информираат од организацијата на фестот.
Лани, поради состојбата со корона вирусот, фестивалот се одржа со променет концепт. Наместо поп, фолк и најпопуларната и пренесувана на десетици телевизии во регионот, интернационална вечер, се одржа само фолк вечерта.
Организаторот на музичкиот фестивал, композиторот Григор Копров, во разговор за „Фокус”тогаш откри дека морал да го прилагоди фестивалот според новонастанатата ситуација, а планираните музички гости од 12 земји решиле да не доаѓаат, бидејќи според тогашните прописи во нивните земји, по враќањето ќе требало да останат две недели во карантин.
Вики Клинчарова