Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски имаше кинопремиера во Србија, прво во Културниот центар на Белград, потоа во Нови Сад, а понатаму се прикажува и ширум земјата. „Врба“ на кинорепертоарот во Србија доаѓа две и пол години по фестивалската премиера на белградски ФЕСТ – премиерата во српските кино-сали беше закажана за почетокот на 2020, но беше одложена поради ковид пандемијата.
Дистрибутерот Ванс филм вели: „На публиката ѝ останавме должни, ама успеавме да го победиме ковидот.“
Манчевски одржа и голем мастерклас на Факултетот за драмски уметности во Белград, како и разговори со публиката во Белград и Нови Сад.
Во српските медиуми одзивот беше огромен за Манчевски и за „Врба“. Тие во бројните интервјуа по повод кинопремиерата на „Врба“ го најавуваат Манчевски како „легендарен режисер“, „имагинативен и комплексен автор со префинет и истражувачки дух“.
Тој е исклучително ценет и почитуван во Србија, а минатиот месец ја доби и наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за придонес кон светскиот филм.