Украдени шест компјутерски монитори и еден хард-диск, оштетени матични книги, одземена или уништена документација, како и причинета друга материјална штета која дополнително ќе се утврдува. Ова е резултатот од вчерашната кражба во просториите на прилепската Матична служба.
„На 11.05. во ОВР Прилеп било пријавено дека во период од 10.05 до 11.05. од страна на непознат сторител било влезено во канцелариските простории на Управата за водење матични книги, подрачно одделение Прилеп на ул. `Димо Наредникот` при што одзел документација, оштетил дел од документацијата и одзел монитори и куќишта од компјутери. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“ – стои во соопштението од СВР Битола.
Подрачното Матично одделние во Прилеп се наоѓа во центарот на градот, во непосредна близина на Полицијата и е сместено во сутеренски простории од станбена зграда.