Откако земјава се соочи со пожари од огромни размери, деновиве во јавноста се поактуелни се тврдењата дека шумите намерно се палат со лантерни, или познати помеѓу народот како огнени балони.
На социјалните мрежи се објавуваат видео снимки со огнени балони во охридско, во битолско, во демирхисарско, а граѓаните стравуваат од нови пожари.
Во демирхисарско жителите на село Вирово откако забележале огнен балон и неуспешно се обидувале да го соборат, случајот го пријавиле во МВР. Балонот одлетал кон шумата над селото, а од МВР информираа дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Огнените балони не се нешто ново во Македонија, и со години наназад можат да се купатво маркети, па дури и во продавници за детски играчки. Цената, во зависност од големината и формата им се движи од 70 денари, па се до околу 300 денари за поголемите.
Доаѓаат во облик на срце, топка, цилиндар…
Нивната продажба е легална, а се продаваат и онлајн.
Изработени се од мрсна оризова хартија, имаат мал горилник, и откако ќе се запали, балонот се полни со топол воздух и одлетува. Летот најчесто трае околу половина час.
Можат да летаат доста високо, и до 500 метри, а паѓаат дури и неколку километри подалеку од местото каде биле лансирани.
Поради ветрот, не може да им се одреди правец на летање, и многу често се случува да паднат пред да изгасне огнот, односно додека уште е активен горилникот, па поради тоа претставуваат потенцијална опасност од пожари.
Во упатството за користење, наведено е дека мора да се ракува внимателно со нив, и да се пуштаат само на широки места, каде нема објекти ниту шума.
Но, контрола околу тоа кој ги купува и како ќе ги употреби, законски нема. Ги купуваат и деца за родендени, возрасни за журки…
Најчесто се користат за време на прослави, за забава, но поради опасноста, во повеќе земји се забранети за употреба.
По огнените стихии во земјава кои зад себе оставија пустош и еколошка катастрофа, надлежните институции се уште се немаат огласено околу тоа дали евентуално ќе се забрани продажбата на лантерните.
Во меѓувреме, за малку пари, секој може да купи неограничена количина од огнените балони и да ги користи без никаква контрола.
Вики Клинчарова