Фактот што „жестоко“ се нападна криминалот и корупцијата на претходната власт (ама без да се удри на нивните основни столбови) јасно укажува дека на сцена се има само реприза на „борбата“ што истата таа претходна власт ја имаше против нивните претходници во лицето на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Изминатите триесетина години на политички живот во услови на повеќепартиски политички систем сосема јасно и недвосмислено покажаа дека политичките партии во Република (Северна) Македонија немаат конзистентни и доследни идеолошки и политички ставови.
Единствената идеолошка и политичка константа на нивното делување во сите овие години се криминалот и корупцијата, односно целокупното нивно „идеолошко“ и „политичко“ делување се врти околу парите.
Затоа, од првата политичка влада предводена од страна на Бранко Црвенковски, преку Љубчо Георгиевски, Никола Груевски и Зоран Заев, па се до актуелната влада на Христијан Мицкоски, се` се врти околу парите профилирани, насочени и структурирани околу и низ Буџетот на државата.
Тоа е и основната причина што Буџетот во сиве овие години радикално и немилосрдно расне во исто време е основен мотив да се биде на власт!
Тука лежи и основната причина што едно се зборува и ветува пред изборите, а сосема друго се прави и остварува по нив.
Оттаму ако се сака да се претчувствуват и, макар и ограничено, сознаат вистинските политики на партиите на власт, но и на оние во опозиција, најдобро е да се следат и анализираат профилите на нивните кадровски решенија на сите рамништа на кои се организирани и ја вршат власта.
ЛИЦЕ И ОПАЧИНА
Низ основните кадровски решенија и воопшто низ основните црти на кадровската политика, најјасно е без никакви демагошки политички магли и популистички замајувања може да се видат и осознаат вистинските политички намери (а, уште повеќе, тајните и скриените)!
Ова заради тоа што голем дел од јавно прокламираните и обзнанени политики воопшто или само делумно се во согласност со она што реално се прави и „остварува“.
Влијанието на политиката врз секојдневниот живот на граѓаните навистина е огромен за да воопшто е можно тоа да се сокрие. Па затоа реалните политики, а не ветувањата и политичките магли, се она кое граѓаните реално го чувствуваат и по кое ги оценуваат политичките партии и, особено, нивните раководства.
Со оглед дека прашањето на криминалот и корупцијата е најизострено во државата, тоа било и ќе остане средишна точка по која и во однос на која, граѓаните ќе ја оценуваат искреноста и посветеноста на секоја власт во реализирањето на нејзините официјално и јавно прокламирани политики.
Не е можно да се борите против криминалот и корупцијата на криминализирани и корумпирани кадри, било да се работи за поединци од извршната или, пак, од судско- обвинителската власт.
Изборот на такви кадри во органите на телата на извршната власт, и посебно, во Судскиот и Обвинителскиот совет, јасно дава на знаење дека и актуелната Влада „борбата“ против криминалот и корупцијата ќе ја води само декларативно.
ЦРНО-БЕЛИ ПОЛИТИКИ
Фактот што „жестоко“ се нападна криминалот и корупцијата на претходната власт (ама без да се удри на нивните основни столбови) јасно укажува дека на сцена се има само реприза на „борбата“ што истата таа претходна власт ја имаше против нивните претходници во лицето на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
Актуелната власт на Христијан Мицкоски (коалицијата ДПМНЕ – ВРЕДИ) не ќе го има политичкиот легитимитет да се бори против криминалот и корупцијата на нивните политички претходници ако, во исто време, јавно не се огради од криминалот и корупцијата кои добија епски димензии во времето на владеењето на Никола Груевски.
Народот / граѓаните паметат! Премногу долго е присутен политичкиот и правниот терор (што друго ако не правен терор се последните измени на Кривичниот закон од страна на претходната Влада), за да се избришат и заборават последиците од нив.
За жал, Македонската животна и политичка реалност е премногу сурова за да може да се премачка и покрие со било какви црно – бело политики.