Министерството за земјоделство штумарство и водостопанство (МЗШВ) го објави второт инвестициски оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп над три хектари, со кој на располагање за давање под закуп се 1.453 хектари во Свети Николе, Велес, Струмица, Куманово, Неготино, Битола, Кочани, Кисела Вода, Пробиштип, Берово, Штип, Тетово, Кавадарци, Гевгелија и Крива Паланка.
Рокот за доставување на потребната документација е 40 дена, а право да конкурираат имаат сите домашни физички и правни лица и странски правни лица. Огласот, како што информира ресорниот министер Трајан Димковски на денешната прес-конференција, ќе се спроведе во транспарентна постапка по пат на електронско јавно наддавање.
– Се работи за оглас кој освен за подигање на насади, е наменет и за инвестиции во земјоделството и руралниот развој. Освен за примарно производство, заинтересираните треба да понудат и бизнис план за инвестиции во преработувачки капацитети. Посебен акцент се дава на можноста на апликација за добивање на земјоделско земјиште во државна сопственост на физичките лица на возраст до 40 години или на трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 година. Тие ќе бидат ослободени од обврската за плаќање на закупнината во првите три години по влегувањето на сила на договорот за закуп, рече Димковски.
Мотивот за објавувањето на вториот оглас, како што посочи, се постигнатите резултата на првиот оглас што беше објавен лани во декември, а првите договри беа потпишани во март годинава. На овој оглас, како што кажа, се потпишани 17 договори за вкупна површина од 1.240 хектари за кои се предвидени инвестиции во висина од 11 милиони евра за изградба на внинарници, кланици, млинови, оранжерии и откупни центри што треба да се реализираат во наредните пет години. Најголем дел од потпишаните договри беа за изградба на винарници, а имаше и по еден млин, кланица и оранжерија, како и неколку откупни центри.
– Овие огласи се важни за раздвижување на пазарот во општините, за обезбедување на сигурен пласман, решавање на проблемот со вишокот на земјоделски производи, за задржување на младите во руралните средини каде што ќе се градат вакви капацитети. Со ваквиот тип на огласи го заокружуваме синџирот помеѓу примарното и финалното земјоделско производство и креираме услови за конкурентни производи со повисока додадена вредност. Апликантите се обврзуваат во рок од пет години да изградат објекти за преработка на основниот призвод и добивање производи со додадена вредност, рече Димковски.
Земјоделското земјиште предмет на вториот оглас во зависност од видот на земјоделската култура која ќе се одгледува, ќе се доделува во времетраење од 30 години за подигање на долгогодишни насади (лозја и овоштарници) и оранжерии, до 70 години за подигање на долгогодишни насади со лешник, до 15 години за одгледување на други земјоделски култури и до 20 години за рибници.