Бојкотот на опозицијата почнува да ги дава првите резултати. ДПМНЕ е изместен од шини, во паника е. Стравот од просторот кој може да го освои опозицијата, која одлучно решила да не ги признае криминалните избори, како и Собранието, кое е резултат од таквите избори, е голем. Затоа на Груевски му е и повеќе од потребно да ги седне Заев и СДСМ на преговарачка маса.
Опозицијата треба да биде свесна дека ако не остане цврсто на своите позиции, кои почнаа да даваат резултати, ќе влезе во стапица во која машинеријата на режимот ќе се врати на шините и ќе продолжи да гази сè пред себе, додека опозицијата повторно ќе стане нем набљудувач кој е надвор од играта.
Идејата на Груевски е самите преговори да донесат отстапки од двете страни, т.е. да се дојде до некаков компромис. За да дојде до компромис, Груевски е спремен да даде многу, а сè со една цел: опозицијата да го признае легитимитетот на оваа власт, која потоа ќе може да владее неограничено, како што владееше пред изборите.
ОСВОЈУВАЊЕ НА УЛИЦАТА
Кога Груевски вели дека е спремен да разговара за сè во интерес на државата, јас тоа го сфаќам како спремност да разговара за сè само за да го добие мирот да владее на раат. Заев и СДСМ треба да бидат свесни дека секое легитимирање на власта ќе доведе до делегитимирање на опозицијата!
Доколку СДСМ падне и на овој тест, тоа ќе значи неповратно губење на довербата во нив од мнозинството критички настроени граѓани. Критички настроените граѓани во СДСМ гледаат единствена, каква-таква, организирана сила, која треба да ја предводи битката за слобода. Ако опозицијата ѝ даде легитимитет на власта која има поклопено сè, од државни институции, па до судови, ќе му го продолжи векот на траење на режимот, но и себеси ќе си го одземе легитимитетот на опозиција.
Едноставно, оваа битка за уривање на фамилијата на власт не може да биде добиена на зелена маса, на преговори со самиот Груевски. Вождот мора да биде победен на терен, а потоа на зелена маса да се договорат техниките на неговата капитулација, со цел и надеж да биде побезболна за македонското општество. Затоа опозицијата, освен за капитулација на режимот, нема мандат за друго да преговара со него.
Може СДСМ да ретерира ако сака, може да биде конструктивна, но тоа нема да ја смени реалноста дека во Македонија нема демократија. Затоа следниот чекор на СДСМ мора да биде освојувањето на улицата. Ако опозицијата не учествува во работата на Собранието, а со полно право, ако опозицијата тврди дека изборите биле фалсификат, и тоа со полно право, тогаш нема друго, опозицијата мора да ја освои улицата! Тоа е следниот логичен чекор. Тоа е единствениот пат преку кој опозицијата ќе може да покаже моќ!
ОПОЗИЦИЈА ОД ПЛАСТЕЛИН
Моќна опозиција е потребна ако целта е жестока борба, без калкулации, за враќање на демократијата и слободата во државата. А, како поинаку да им се спротивставите на поклопените државни институции во функција на режимот, освен да не им давате легитимитет и да се обидете да изнесете десетици илјади луѓе пред нив?! Луѓе, кои се бесни на нив, поради неправдата која ја имаат секојдневно. Луѓе, кои со свои пари ги одржуваат институциите на режимот, а за возврат добиваат неправда и институции во функција на одржување на власт на ДПМНЕ.
Или, да погледнеме од другата страна, зошто Груевски би прифатил услов каков што е техничка влада? Со што опозицијата би успеала да го притисне до ѕид за да мора да попушти? Да бидеме реални, само бојкотот на Собранието за тоа не е доволен. Груевски е спремен, ако спроти себе има слаба опозиција, да распише избори на кои ќе си направи своја, од пластелин, опозиција.
А, можете ли да си ја замислите позицијата на Заев кога седнува на маса, а претходно веќе континуирано да има десетици илјади граѓани пред судовите кои судат политички неистомисленици, пред државната, а сепак, партиска МРТВ, пред МВР кое ги исфрли пратениците и новинарите од Собрание? Ќе се сложите дека тоа е веќе друга, поповолна позиција на опозицијата за какво било преговарање.
Преговорите на Груевски му се потребни и за да стави знак на еднаквост на вината меѓу власта и опозицијата за евентуалното одземање на препораката за добивање датум за почеток на преговорите за влез во ЕУ. Ете, премиерот бил конструктивен, ама клетите опозиционери, оние, предавниците и странските платеници, се виновни со нивните нереални барања кои го рушеле политичкиот дијалог во државата!
А знаете колку му е на ДПМНЕ за патот кон ЕУ? Колку за ланскиот снег! Се надевам дека опозицијата ќе разбере дека не треба да седнува на преговарачка маса со режимот додека претходно не си создаде позиција за преговарање за техниката на промена на власта. Инаку ќе влезат во офсајд-стапицата, која за нив лукаво Груевски ја подготвил!