Јавното обвинителство оформи предмет по изјавата на премиерот, Зоран Заев, дадена во периодот на референдумската кампања на трибина во Крива Паланка каде ги повикува бизнисмените да го одврзат ќесето и да ги наградат вработените кои ќе излезат да гласаат. Како што соопштија од Основното јавно обвинителство кривичната пријава е поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, од партијата на Солза Грчева „Глас за Македонија“ и од здружението Светски македонски конгрес.
-Пријавите се за изречен јавен повик за поткуп на избори при гласање. Оформен е предмет од доставени кривични пријави и истиот е распределен кај надлежен јавен обвинител во Куманово, каде треба да се проверат наводите – рече обвинителот Џелал Бајрами.
Во текот на референдумскиот дел, како што рече тој, се забележани четриесетина прекршувања на избирачкото право. 29 се евидентирани во Скопје, од кои 27 се разјаснети во текот на истиот ден.
Еден настан е евидентиран во село Мислешево каде гласач зел гласачко ливче и по излегување од параванот успеал во гласачката кутија да стави други празни ливчиња, а да избега со гласачкото ливче. Сепак бил препознаен од избирачкиот одбор, а следниот ден сам се пријавил во полициска станица.
Во Штип е забележан случај каде сопруг и сопруга заедно дошле на избирачкото место. Сопругата рекла дека е неписмена и заедно со член на избирачкиот одбор гласала зад параванот. Пред да го спушти ливчето во кутијата, нејзиниот сопруг го отворил и скинал. Против него е поднесена кривична пријава за повреда на правото на определување на гласачите.