Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) потврди дека денеска на инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово почина 82-годишен маж од општина Подујево, кој е првата жртва на коронавирусот во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според косовските медиуми, починатиот е татко на едно од првите лица во Косово кои беа дијагностицирани со смртоносниот Ковид-19. Присуството на вирусот кај синот беше откриен на 15 март, неколку дена откако се вратил од Италија.
ИШПК информира дека старецот, кој починал утрово во 9 часот, бил примен на клиника на 16 март и страдал и од хронични кардиоваскуларни болести.
– Пациентот роден 1938 година во село Думница, општина Подујево, е примен на 16 февруари 2020, на шестиот ден од болеста. (…) Лицето било заразено од контакт со неговиот син и ќерка кои се позитивни, се вели во соопштението.
ИШПК објави и дека, од 8 февруари, заклучно со вчерашниот ден, во неговата лабораторија за молекуларна микробилогоја, со соодветните методи, се испитани примероците на вкупно 567 лица за кои постоело сомневање дека се заразени од вирусот Ковид-19, а само вчера се извршени 150 тестирања.
Во текот на вчерашниот ден се откриени седум нови случаи, со што официјалната бројка на заразени од коронавирусот во Косово се искачи на 31.
Здравствените власти во земјата најавија дека разгледуваат нови мерки за спречување на ширењето на заразата.