Официјално: Ковачевски ќе го предложи Зечевиќ за генерален секретар

Тоа е единственото кадровско решение што можам да го потврдам, вели за Фокус лидерот на СДСМ.

by Фокус

Ќе го предложам Миле Зечевиќ за генерален секретар на СДСМ, вели за Фокус новиот партиски лидер и мандатар за составување на новата Влада Димитар Ковачевски.

Тоа е единственото кадровско решение што можам да го потврдам, за се друго е уште рано да се говори – вели Ковачевски.

Тој додава дека при составувањето на новото партиско раководство, но и идната влада, ќе се запази принципот на континунитет, ќе има и има освежувања, а ќе се ценат и досегашните перформанси на функционерите.

Инаку, дознаваме дека задутре треба да се одржи седница на Централниот одбор на СДСМ, на кој треба да се бира новиот генерален секретар, но засега неизвесно е дали на оваа седница ЦО ќе се прошири со нови членови и дали ќе се кооптираат нови членови во Извршниот одбор.

Она што е сигурно, Сања Лукаревска останува заменик-претседател на СДСМ, функција на која беше избрана на последниот конгрес заедно со веќе поранешниот партиски лидер Зоран Заев.

Исто така, секретар за меѓународна соработка треба да остане Бојан Маричиќ, додека, според неофицијални информации, потпретседателското место ќе го задржи Фатмир Битиќи.

Што се однесува до другите потпретседатели, Венко Филипче и Мила Царовска веќе најавија повлекување, додека Оливер Спасовски, неофицијално, сигурно ќе остане во владата, но неизвесно е дали ќе остане на партиската функција.

Добро упатени партиски извори говорат дека чекор напред во партиската хиерархија можно е да направат градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, пратеничката Славјанка Петровска, Стефан Богоев и други релативно помлади партиски кадри без багаж.

В.С.

Поврзани новости