Лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин е идентификуван меѓу патниците на соборениот авион.
Деловниот авион со Пригожин, уште шест патници и тројца членови на екипажот се урна во средата вечерта во близина на оддалечениот град во руската област Твер.
Руските воздухопловни власти и органите за спроведување на законот, вклучително и Истражниот комитет, започнаа истрага за инцидентот.
Идентификувани се сите 10 лица во авионот „Ембраер Легаси 600“ со Евгениј Пригожин и заменик-командантот на Вагнер, објави Рускиот истражен комитет.
„Како дел од истрагата за авионската несреќа во регионот Твер, завршени се молекуларните генетски тестови… Утврден е идентитетот на сите десет жртви. Тие одговараат на манифестот за летот“, изјави портпаролката на Истражниот комитет.
На списокот на патници беа: Пропустин Сергеј, Макаријан Евгениј, Тотмин Александар, Чекалов Валери, Уткин Дмитриј, Матушев Николај и Евгениј Пригожин.
Меѓу членовите на екипажот беа пилотот Левшин Алексеј, копилотот Каримов Рустам и стјуардесата Кристина Распопова.
Да потсетиме, авионот на Пригожин се урна во средата вечерта во регионот Твер. Во него имало 10 луѓе и никој не преживеал.
Додека беше потврдено дека лидерот на Вагнер е на списокот на патници, неговото тело не беше идентификувано.
Кремљ негираше дека има некаква врска со несреќата.