Сашко Николов и Алиja Јаоски и официјално се новите градоначалници на Штип и Пласница, со мандат од девет месеци, се до редовните Локални избори во 2021 година.
Државната изборна комисија ги обработи сите податоци од избирачките места во двете општини. На изборите за градоначалник во Штип гласале 14.528 граѓани од вкупно 41.777 гласачи.
Кандидатот на СДСМ, Сашко Николов кој веднаш по гласањето прогласи победа, освоил 11.668 гласа или 80,31 отсто од гласовите. За Симон Поликарп, кандидат на Интегра гласале 1.198 или 8, 25 %, неважечки ливчиња има 824 или 5,67 %. Кандидатот Лазар Наумов од ТМРО освоил 284 гласа, Трајчо Митев 283, а Гоце Анѓелов од коалицијата „Иднината во наши раце“, 271 глас.
Во Општина Пласница вчера правото на глас можеа да го исполнат 4.954 граѓани на девет избирачки места, а цензусот за успешни избори беше исполнет вчера во 15 часот, кога ОИК Пласница објави дека на гласање излегле над една третина од вкупниот број на избирачи. Според податоците на Државната изборна комисија, Јаоски добил 1. 696 гласови, а неговиот противкандидат Рамазан Шерифовски 231.
ВМРО-ДПМНЕ немаше кандидат на локалните избори и обвини за мафијашки избори, уцени, притисок и поткуп и за загрозување на здравјето на граѓаните.