Евроамбасадорот Дејвид Гир, заедно со министерот за локална самоуправа Горан Милевски и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Петре Шилегов, денеска официјално ќе го означат почетокот на повикот за предлог-проекти „ЕУ за општините“ вреден 5 милиони евра, кој има за цел да ги зајакне единиците на локалната самоуправа преку три приоритети на ЕУ: солидарност, соработка и „зелен„ пристап.
– Повикот за предлог-проекти „ЕУ за општините“ има за цел да ги приближи основните принципи на ЕУ за локална самоуправа и супсидијарност до Северна Македонија. Ова ќе се реализира со општините на ЕУ преку споделување на искуство и знаење со македонските општини за тоа како да се решат локалните проблеми. Развојот на иновативни концепти и употребата на националните ресурси во справувањето со проблемите на локално ниво се охрабруваат во рамките на повикот. Со поддршка на ЕУ, локалните самоуправи ќе ги подобрат комуналните услуги, оттаму, тие ќе бидат подготвени да ги преземат пошироките надлежности, се наведува во соопштението од ЕУ делегацијата.
Повикот за проекти „ЕУ за општините“ е кофинансиран од Владата.