Ново обвинение е покренато против струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, а одземен му е и пасошот.
Струшкиот суд го прифати предлогот на обвинителството и одлучи да му ја одзеде патната исправа и го задолжи еднаш неделно да се јавува во судот.
Од Обвинителството информираа дека мерките биле побарани поради опасност од бегство, со оглед на тоа што поднесено е уште едно обвинение.
Обвинението се однесува на тоа што Мерко, во март, годинава, поставил споменик на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга.
„Со последното поднесено обвинение, во основните судови во Струга и во Битола, против обвинетот ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му е запретена и затворска казна“, велат од Обвинителството.
ОЈО Струга веќе води осум судски постапки против Мерко кои се однесуваат на злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во службата, па надлежниот јавен обвинител оценил дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон.
САД минатата година го означија градоначалникот на Струга како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција, соопшти Стејт Департментот.