Одржана седница на ОН: САД бараат итни мерки

by Fokus

Советот за безбедност на ОН во неделата одржа итна седница зад затворени врати поради ескалацијата на израелско-палестинскиот конфликт.

Како што наведува АП, не се преземени итни мерки, а САД побарале од сите 15 земји-членки најостро да ги осудат „гнасните терористички напади извршени од Хамас“.

Заменик американскиот амбасадор Роберт Вуд подоцна потврди дека „прилично голем број земји“ го осудија нападот на Хамас, но не сите земји-членки на Советот за безбедност на ОН.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, изјави за Асошиетед прес дека за време на средбата Американците се обиделе да ја обвинат Русија дека не го осудува нападот, што, според него, не е точно.

„Ги осудуваме сите напади врз цивили, тоа беше мојот коментар“, рече Небензја и нагласи дека пораката на Русија е дека е важно „веднаш да се прекинат борбите, да се оди на прекин на огнот и на сериозни преговори, кои се во застој со децении.

Кинескиот амбасадор Џанг Џун претходно изрази сличен став, велејќи дека Пекинг ги осудува сите напади врз цивили, иако тој не го спомна Хамас.

Американскиот претставник во ОН, Роберт Вуд, јасно стави до знаење дека САД се фокусирани на осуда на Хамас за, како што ја нарече „оваа неиспровоцирана инвазија и терористички напади“ и додаде дека Хамас мора да стави крај на својата насилна терористичка активност против израелскиот народ.

Поврзани новости