Одреден притвор за убиецот на Мартин Јанушев, кој е се уште во бегство

by fokus
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело Убиство од чл.123 ст.1 од Кривичниот законик.
„Лицето е осомничено дека на 03. 11. 2017 година со умисла го лишил од живот сега починатиот  Мартин Јанушев. Имено, осомничениот, користејќи дозволено викенд отсуство, ја напуштил КПУ Затвор Скопје – Скопје, каде што издржувал казна затвор во траење од 20 месеци, дошол пред зградата во која живеел Јанушев, се сретнал со него и испукал повеќе проектили од огнено оружје кон жртвата, нанесувајќи му пет огнострелни повреди – прострелни рани. Од здобиените повреди, Јанушев починал.

По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, судија на претходна постапка на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на негово пронаоѓање и лишување од слобода“, велат од таму.

Од таму додаваат дека кривичната пријава од страна на МВР за ова лице е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје на 17.11.2017 година.

„По поднесената пријава, во текот на предистражната постапка, обвинителството интезивно работеше на обезбедување материјални и вербални докази. Притоа, испитани се над 40 сведоци и обезбедени се голем број релевантни вештачења и анализи. Со оглед на тоа што осомничениот се уште е недостапен на органите на прогонот, согласно Законот за кривична постапка, надлежниот јавен обвинител до Министерството за внатрешни работи издаде Наредба за распишување домашна и меѓународна потерница“, информираат од Обвинителството.

Поврзани новости