На деветмината уапсени во денешната акција „Ќелија“ на МВР, попладнево им е одредена мерка притвор во траење од триесет дена. Овој случај се процесира во специјализираното Одделение за организиран криминал и корупција, а уапсените се осомничени за кривично дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“.
Освен на деветмината уапсени, мерка притвор од триесет дена им е одредена и на останатите 27 осомничени кои се во бегство. Судијата кој ја води постапката издаде наредба за нивно приведување.
МВР ја спроведе акцијата „Ќелија“ во Скопје, Тетово, Куманово и Струга. Министерот за внатрешни работи, Чавков, информираше дека извршен е претрес во 28 објекти, а претресувани се и домови, но и помошни простории на џамијата Тутунсуз во Скопје, како и во Јаја Паша џамијата. Осомничените се товарат за организирање и врбување на поединци да заминат во паравоените формации на блискиот исток, но и за учество во силите на ИСИС.