Управниот комитет на инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ (Western Balkas Investment Framework – WBIF), донесе одлука на Република Македонија да ѝ одобри три апликации за инфраструктурни проекти во вкупен износ од 24 милиони евра грант (неповратни) средства за техничка помош и инвестиции.
Како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот за европски прашања, одобрена е апликација за изградба на Автопат А2 Гостивар – Кичево и тоа за делница Букојчани – Кичево, должина од 12.7 км, како дел од Коридор 8, при што се обезбедени над 20 милиони евра (20.348.000 евра). Вкупните средства за изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево изнесуваат околу 105 милиони евра. Останатите средства ќе се обезбедат од ЕБОР во вид на заем во износ од 79,2 милиони евра и учество на ЈПДП од сопствени средства во износ од 6 милиони евра.
Одобрена е апликација за инвестициски грант за градежни работи за рехабилитација и реконструкција на државен пат А2 делница, делница Крива Паланка – Деве Баир (Граница со Бугарија), како дел од Коридор 8, со што се обезбедени над два и пол милиони евра (2.570.000 евра за инвестиции и 50.400 евра за техничка помош). Со оваа инвестиција се планира рехабилитација и проширување на патната делница во вкупна должина од 13 километри, која е дел од источниот Пан-европски патен коридор 8, а со тоа придобивките од реализацијата на проектот би биле не само од национален, туку и од регионален интерес. Имено, како што се наведува, за реализација на овој проект на 20.09.2018 година склучени се договорот за заем и договорот за гаранција, со што од Европската банка за обнова и развој обезбеден е заем во износ од 10 милиони евра, а учеството на ЈПДП од сопствени средства изнесува 1,37 милиони евра.
На крајот, во рамки на 20-от ВБИФ повик одобрена е и апликацијата за грант средства за техничка помош во износ од 1 милион евра за подготовка на Физибилити студија и Студија за влијание на животната средина и социјалните аспекти на проектот ХЕ Чебрен. Со Физибилити студијата ќе се направи детална анализа на целокупната досега изработена техничка документација за објектот и ќе е дефинира оптимално техничко решение кое треба да биде финансиски и економски одржливо, а воедно ќе се разгледа и стратешката оправданост на оваа инвестиција. Паралелено со изработката на Физибилити студијата ќе се изработува и Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, која ќе биде изработена согласно меѓународните стандарди и конвенции за објекти од ваков тип и согласно домашната легислатива.
Инструментот Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework-WBIF) официјално беше отворен во 2009 година, како заедничка иницијатива на Европската комисија, Банка за развој при Совет на Европа, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициона банка (ЕИБ) и подоцна приклучените Светска Банка и Германската развојна банка (KfW). Средствата за WBIF главно доаѓаат од следните извори: Ресурси алоцирани од Регионалниот ИПА пакет; Грантови кои што ги доделуваат меѓународните финансиски институции; Грантови кои што ги доделуваат билатералните донатори преку Заедничкиот фонд за Западен Балкан (European Western Balkans Joint Fund – EWBJF), соопштија од кабинетот на вицепремиерот за европски прашања.