Одобрени првите бескаматни кредити за поддршка на мали и средни компании во висина од 1,26 милиони евра

by Frosina Fakova

Владата на денешната 38-ма седница ја задолжи Развојната банка да склучи договори за кредит со кредитобарателите кои ги исполнуваат условите и критериумите за бескаматни кредити. Според информацијата на Развојната банка, од обработените барања условите ги исполниле 136 компании со 1.737 вработени, и на нив им се одобруваат бескаматни кредити во вкупен износ од 1.263.079 евра.

-Од овие 136 компании-апликанти, 96 отсто се компании до 10 и компании до 50 вработени, што покажува дека средствата од бескаматната линија Ковид1 примарно ќе стигнат до микро и малите компании. Доставата на Информации со обработени кредитни апликации кои исполнуваат услови до Владата ќе се одвива редовно, на неделно ниво, сè додека не се исцрпат во целост средствата од кредитната линија Ковид1, односно од Кредитната линија од Посебниоткредитен фонд (ПКФ) со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19, соопшти владината прес-служба.

Најдоцна до крајот на неделата, се вели во соопштението, Развојна банка ќе стапи во контакт со сите компании чии кредитни апликации беа одобрени на денешната седница на Влада заради реализација на договорите за кредит.

Претходно на седницата, министрите ја разгледаа и усвоија информацијата за барањата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1 за кредити од Кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19.

 

Поврзани новости