Носителот на пратеничката листа на СДСМ и коалицијата во Изборната единица 4, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека тој и поранешниот премиер Зоран Заев имаат одлична комуникација, пријателство и другарство кое потекнува и се развило и зацврстило во времето кога беа соработници во Владата.
Според Филипче, главната работа која ги врзува се вредностите во кои и двајцата веруваат, како и спремноста секогаш да помогнат и да излезат во пресрет на граѓаните.
„Тој беше секогаш спремен да помогне во здравствениот ситем, благодарение на неговата поддршка ние успеавме сериозно да ги зголемиме платите на докторите, тие веќе не работат за 60 000 денари, работат со дежурства за над 120 000 денари, некои специјалисти. 20 000 пациенти со дијабет добија оргинален инсулин благодарение на тие инвестиции, инаку, знаете, прилично ограничен е буџетот на МЗ, не можете само како министер, без премиерот, тоа да го направите“, вели Филипче.
Прашан дали ги поврзува и заеднички бизнис-интерес, Филипче негира и додава дека ги врзува тоа што токму поранешниот министер за здравство е единствениот, надвор од семејството на Заеви, меѓу основачите на „Фондација Заев – Едно општество за сите“, како одговорен во делот на јавното здравство, помошта за едукација на млади лекари и набавка на опрема и материјали за болниците.
Тој не одговори директно на прашањето дали поранешниот премиер ќе му помага во изборната кампања, а односите на релација Зоран Заев – Димитар Ковачевски ги нарече одлични, без никаков проблем помеѓу нив двајца.
-Зоран Заев кажа дека повеќе нема активно да се вклучува во политиката. Има сега централна кампања, ќе има и регионална кампања коишто партијата ќе ги води согласно програмата и планот,
рече Филипче, потенцирајќи дека
Зоран Заев секогаш ќе биде социјалдемократ и ќе биде СДСМ.