Дипломатските односи меѓу Македонија и Косово не се нарушени по инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи, истакнаа на денешната прес конференција во Скопје македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот косовски колега Албин Курти.
– Што се однесува до случајот, ќе повторам дека разликата помеѓу овој случај и претходните два случаја, кои се случиле на скопскиот аеродром, е тоа што сега има јавност. Јас слушав изјави од типот дека некои политичари црвенееле од срам, но претпоставувам дека црвенеат и поради двата слични инцидента кои се случувале и во 2023 година. Но, сега имаме јавност, а тогаш немаше јавност. Оваа влада е демократска и отворена, а не е како претходната. Уште еднаш ќе кажам дека жалиме за инцидентот.
Се понудив следниот пат кога ќе патува Вјоса Османи, лично јас да ја пречекам на скопскиот аеродром и ќе ја придружувам сѐ додека не го напушти аеродромот. Што се однесува до лицето кое го предизвикало инцидентот на аеродромот, ако извештајот покаже дека е виновно, тогаш сигурно ќе има одговорност за тоа лице. Додека јас сум премиер, лица над законот нема да има – изјави Мицкоски.
Курти потврди дека косовската претседателка Османи доживеала непријатно искуство на аеродромот во Скопје, особено поради тоа што таа била заедно со семејството, односно со двете мали ќерки. На прашањето дали од македонската страна добил извинување за инцидентот, Курти одговори:
„Државниците во Македонија изразија жалење и наскоро ќе има официјален извештај со кој ќе се расчисти целосно овој случај“. На прашањето дали сѐ уште Косово го смета инцидентот на аеродромот како директна провокација, тој рече:
„Не знам дека сме имале таков став. Можеби некој го кажал тоа, но не и институциите на Република Косово. Косовското МНР даде свој став и нашата цел треба да биде вистината да излезе на виделина и не смее да има тензии. Јас и премиерот Мицкоски не можеме во исто време да сме премиери, цариници, полицајци и граничари. Во однос на суштината на прашањето, верувам дека сите потребни мерки се преземаат и дека нови слични инциденти нема да се случуваат во иднина“.