Одлуката за Вангеловски донесена по објавените разговори

by fokus

Жалбениот совет одлучи по жалбата на поранешниот претседател на највискиот суд, Јово Вангеловски откако беа објавени разговори за него или шест месеци по одлуката на Судскиот совет на која тој поднесе жалба.

Едниот разговор го објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, а во него се слушна како поранешниот премиер Зоран Заев го споменува името на Вангеловски. Милошоски го обвини Заев дека влијаел на одлуките на Врховен суд, а по извесно време непознато лице објави разговори меѓу Милошоски и Вангеловски во кои се слушна како Милошоски се интересира за предмет за неговиот татко. Пред да бидат објавени последните разговори Врховниот суд со соопштение во кој отфрли секаков вид на надворешни влијанија во правораздавањето.

Во септември минатата година, две години по поднесувањето на предлогот за разрешување на Вангеловски, членовите на Судскиот совет конечно собраа мнозинство и го разрешија претседателот на највисокиот суд, и од претседателската и од судиската функција.

Покрај Вангеловски, разрешена беше и судијката Рахилка Стојковска.

Двајцата судии беа разрешени со седум гласа „за“ поради нестручно и несовесно работење, односно бидејќи со нивните гласа беше донесена одлука да биде ослободен од притвор бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот на Специјалното јавно обвинителство „Труст“, кој тогаш беше во бегство.

По неколку месеци беше разрешен и судијата Ристо Катавеновски кој гласал исто како Вангеловски и Стојковска.

Сепак единствено официјално разрешен е Вангеловски, за другите судии нема одлука на жалбените совети. Овие совети со месеци не можеа да се формираат бидејќи Вангеловски и Стојковска бараа изземање на нивни колеги.

Советите бројат по девет члена од кои петмина се судии од највисокиот суд. Ова беше втор мандат на Вангеловски на чело на Врховниот суд, а неговото име постојано се поврзуваше со претходната власт поради неговите кумски врски со поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски. Но и по промената на власта тој беше на претседателското место во највисокиот суд. Една од најконтроверзните одлуки која ја донесоа врховните судии со убедливо мнозинство за време на неговиот втор мандат, беше начелното правно мислење со кое го прогласи Специјалното јавно обвинителство за ненадлежно да покренува истраги и и да отвора предмети по спорниот рок. Со ова правно мислење почна правното тонење на Специјалното јавно обвинителство, а најголема корист од ова извлекоа осомничените во случајот „Империја“, кои Врховниот суд ги пушти на слобода.

Вангеловски дојде на судското место од адвокатските кругови, а според неговиот анкетен лист тој е еден од најбогатите судии. И покрај неговото богатствот, Вангеловски се до правосилноста на решението редовно прима плата од Врховниот суд. Името на Вангеловски се најде и во посебниот извештај на Специјалното јавно обвинителство во кој беше наведено дека носел одлуки во дослух со претходната власт, но овој извештај немаше правна разрешница. Неговото име се споменуваше и во злоупотребите на АКМИС системот, но тој никогаш не се најде на листата на обвинети, туку во истрагата беше само сведок.

Ф.Ф.С.

Врховен ја одби жалбата – Јово Вангеловски и официјално разрешен

Поврзани новости