За само неколку дена, децата во градинките во скопската општина Карпош, кои не се жители на оваа општина ќе мора да се испишаат. Тоа значи дека веќе на 10 јуни, истите тие деца кои со години оделе во овие детски градинки повеќе нема да бидат дел од нив.
Ваква одлука е донесена на осмата седница на Советот на општина Карпош, која се одржала на 20 април, годинава.
„Донесена е одлука за изменување и дополнување на одлуката за утврдување на реони на градинките на општина Карпош, со која родителот-старателот треба да достави документ за потврдување на местото на живеење, копија од лична карта.
Децата, кои се жители на други општини ќе добијат известување за да се испишат од градинката најдоцна до 10.06.2022 година“, се наведува во испратеното соопштение.
Ваквата одлука на нозе ги крена родителите, чии деца веќе се запишани во детските градинки во Карпош и подолг период посетуваат целодневен престој.
„Ова е страшно што се случува. Не може моето дете кое оди веќе две години во таа градинка, навикнато е таму со тие деца и воспитувачки, сега некој да му прави дополнителен стрес и и да барам да го запишам во друга градинка.
Тоа не се случува во недна друга општина. Ние бараме, сите деца кои досега оделе во овие градинки да си продолжат, а ваква одлука нека донесат за децата кои треба тек да се запишуваат“, велат револтирани родители во изјава за „Фокус“.
Тие испратиле допис и до министерството за труд и социјала, како и до народниот правобранител, од каде што бараат децата кои се веќе запишни да си останат, а ваквата одлука да важи за оние тек треба да се запишат.
„Во самата постапка за упис на нашите деца во градинка од наша страна уредно биле доставени сите барани документи, при што со овој допис, повикуваме да се разгледа и донесената одлука, „да сите веќе запишани деца, кои не се жители на општина Карпош најдоцна до 10 јуни, треба да ги испишеме, бидејќи сметаме дека не е основана и треба да стапи на сила од моментот на запишување за прием на нови деца“, се наведува во дописот испратен од засегантите родители.
Преставка била испратена и до општина Карпош во која се наведува дека е недозволиво ваквата одлука да се применува и за децата кои веќе се запишани и се згрижени во гардинките од 10,11 месеци, односно повеќе од три години од самото запишување.
Од друга страна, старо-новиот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски вели дека неодговорно е да се примаат деца во градинките од надвор, а децата од Карпош да седат дома.
„Запишувани се деца со кршење на одлуката на Совет да не се запишуваат деца од други општини, што значи дополнително е зголемен проблемот во нашата општина. Навистина е неодговорно од директорите да запишуваат деца од други општини а нивните соседи од општина Карпош да не можат да ги запишат своите дечиња, што е недозволиво“, тврдеше Јакимовски пред неколку месеци.
Проблемот се уште не е решен, а за некој ден децата веќе ќе треба да се испишаат.
Ирена Мулачка