Владата денеска на седница треба да ги разгледа и да одлучи за двете законски решенија кои се однесуваат на најавеното намалување на ДДВ на електричната енергија и воведувањето еколошка такса на горивата. Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера изјави дека Владата ќе оди со предлогот мерките да важат од 1 јули и со очекување дека дотогаш Собранието ќе успее да ги изгласа.
-Владата треба да ги разгледа и да одлучи во однос на двете мерки. Имаме предлог за законот за ДДВ за намалување во транзиторен период, односно да се помогне на домаќинствата кога се прави либерализација на пазарот на електрична енергија. Домаќинствата ќе добијат олеснување во однос на цената на електричаната енергија преку намалување на делот на ДДВ, што е конректна мерка која директно влијае врз буџетот на домаќинствата, рече вчера министерот Бесими.
Прецизира дека Владата не размислува да се повлече, но посочи дека не може да зборува во име на целиот владин кабинет, во смисла кога се носат одлуките на седница на Влада, зашто надлежноста на Министерството за финансии е само ДДВ, додека еколошката такса е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Според предлогот, ДДВ кај електричната енергија за домаќинствата од 1 јули 2021 година треба да се намали од 18 на пет отсто, потоа наредната година да биде на ниво од 10 отсто и третата година да се врати на 18 отсто. Целта е да се помогне на домаќинствата во транзитниот период на либерализација на пазарот на електрична енергија.
Одлука треба да има и за тоа дали ќе се воведе еколошка такса од 4,13 денари со ДДВ за секој наточен литар нафта и бензин. Бизнис заедницата предупредува дека тоа ќе биде силен удар врз стандардот на живот на граѓаните, но и врз стопанството.