На дневен ред на денешната седница на Собранието ќе се најде Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот, со кој се предвидува одложување на употребата на видео надзор во автошколите за една година. По скратена постапка, се предвидува одложена примена на одредбите што се однесуваат на условите што треба да ги исполнуваат автошколите во делот на видеонадзорот и се вршат интервенции од технички карактер со цел квалитативно подобрување на постојното законско решение.
Со предложените измени се менуваат условите за основање и за работа на автошколите од членовите 231 алинеја 2, во делот што се однесува на видеонадзорот, и 233 став (1) алинеја 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Овие одредби во предлог-измените и дополнувањата се предвидува да се применуваат по една година од денот на влегување во сила на овој закон.
Претходно, автошколите протестираа речиси два месеци пред Влада, токму поради новата законска обврска да мораат да го снимаат секој час од обуката на кандидатите, а опремата за снимање и складирање на материјателите да си ја набават сами.