Судењето за случајот „Моќник“ се одлага поради решение за изолација од Ковид-19, што го добил еден од обвинетите, информираат од Кривичниот суд.
-Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат главната расправа за предметот со К.бр. 2616/20 од обвинителството означен како „Моќник“, ја информираме јавноста дека расправата од 18.01.2022 година се одлага заради добиено решение за изолација, согласно протоколите за заштита од Ковид – 19 вирусот, кај еден од обвинетите“ се наведува во соопштението од Кривичен.
Следното продолжение на главната расправа е закажано за 07.02.2022 година од 11:00 часот.
Во процесот еден од обвинетите е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Делата за кои се товари се измама и злоупотреба на службената положба и овластувања.
Освен него, обвинети се и неговиот татко и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Тие се прво и второобвинет за делото измама. На обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања треба да седнат и претседателот на некогашната Лустрациска комисија Томе Аџиев и деветмината нејзини членови.