Судењето за случајот „Меѓународен сојуз“ се одложува за 21 јули 2020 година, поради барањето на поранешната потпретседателка на Собранието и пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски за изземање на обвинителката Вилма Русковска за понатамошно постапување во овој случај.
Ременски, преку нејзиниот адвокат Владимир Донески, во барањето доставено до Јавното обвинителство на РСМ образложува дека има сомневање во пристрасноста на постапувањето на обвинителката Вилма Русковска.
Кон барањето за изземање на обвинителката Русковска, се приклучи и обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13.
Во случајот „Меѓународен сојуз“, освен Фросина Ременски, обвинети се и Јасна Мандиќ, Бојан Јовановски – Боки 13, Миле Јовановски и Христина Блажеска. Обвинетите во овој случај се товарат за кривичните дела „измама” и „перење пари”, а обвинетиот Миле Јовановски, се товари за кривичното дело „неовластено држење оружје”.