Судското рочиште против новинарот Драган Павловиќ Латас и инфлуенсерот Стефан Лазаров е одложено за 19-ти овој месец.
Тие се обвинети за кривичното дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.
Новинарот посочи дека сака транскрипт на содржината од цедињата кои се докази во предметната постапка на што претставниците од Обвинителството рекоа дека обвинетите имале доволно простор да ги побараат сите потребни докази од нив, но дека немаат ништо против нивното барање, во однос на побараниот транскрипт, иако истакнаа дека нема потреба од тоа.
Првообвинетиот побара да се приложи целата емисија која е предмет на обвинение за да не биде извадена од контекст.
-Целата емисија може да даде заклучок, а не само изваден контекст од една минута и тоа коментиран како своја лична проценка, како смеа – рече Латас.
Одбраната остана на ставот да им се достават сите потребни докази за да можат да ја комплетираат одбраната.
Случајот го води судијката Диана Груевска Илиевска, која рече дека одбраната имала доволно време да ги побара сите докази кои им се потрени, но за да не се повреди правото на одбрана, рочиштето ќе биде одложено.