Одложено е судењето против обвинетиот за убиство на малиот Алмир Алиу

by fokus

Во Основниот суд во Куманово е одложено судењето против Бобан Илиќ, обвинет за убиство на четиригодишниот Алмир Алиу пред Здравствениот дом во Куманово. Причина за одложувањето е отсуство на вештото лице од Клиниката за психијатрија во Скопје, јавуваат кумановските медиуми.

Докторката подолго време била на боледување и поради тоа не е во можност да присуствува на рочиштето, јави Макфакс.

Како што пренесуваат медиумите, на минатото рочиште свое мислење дал еден од вештаците, кој пред судот го презентирал психијатрискиот наод кој покажува дека Бобан не го извршил убиството со умисла како што го товари обвинителството.

Тогаш адвокатите на семејството Алиу не беа задоволни од вештачењето. Тие сметаат дека не биле земени во обзир сите докази кои ги доставиле до Судот и најавија дека ќе бараат ново вештачење.

Прегазувањето на четиригодишниот Алмир се случи на 25 јуни минатата година, поради банална расправија за ред во Здравствениот дом во Куманово, која прераснала во физичка пресметка помеѓу таткото на детето и Бобан. Во обид да избега од напаѓачите Бобан со својот автомобил удрил во ѕид од куќа и го прегазил детето.

Семејството Алиу бара максимална казна за Бобан, додека тој тврди дека е жртва во пресметката. На Бобан му се суди за кривично дело убиство со умисла, а на таткото Сеад Алиу и уште двајца негови роднини за насилство.

 

Поврзани новости