Основниот суд Скопје 1 го одложи првото рочиште за процесот за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски, откако Основното јавно обвинителство поднесе предлог за спојување на двата предмета.
Претходно, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје достави известување за завршена истрага до првоосомничениот за двојното грабнување и свирепо убиство на Ѓорчевска и Жежовски. Воедно, најави дека ќе биде поднесено и обвинение за истиот кривичен настан, за кој веќе има отворен судски процес против четворица други обвинети.
„Имајќи го предвид добиениот предлог на обвинителството, а заради економичност и ефикасност на постапката, судот ги отповика наредбите за спровод на обвинетите кои издржуваат мерка притвор и мерка куќен притвор, а судечкиот совет во согласност со одбраната ќе насрочи нов термин за отпочнување на главната расправа за што странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, се вели во судското соопштение.
Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Првоосомничен во случајот е Љупчо Палевски-Палчо кој на 15 мај со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија. Тој беше директно беше однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи имаше определен 30-дневен притвор. Подоцна беше изнесен пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд кој му определи уште 30 дена притвор.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември 2023 година.