Одбраната на тужените по приватната тужба на Виктор Цветковски за неовластено снимање и објавување аудио снимки, во кои тужени се претседателот на СДСМ Зоран Заев, правното лице СДСМ, Дамјан Манчевски и претседателот на општинската организација на СДСМ, Мартин Костовски, денеска го повлече предлогот за сослушување на третообвинетиот Мартин Костовски на рочиштето во кумановскиот суд, пренесува А1он.
Наместо адвокатот на одбраната Мирослав Вујиќ поради присуство на јавна седница во Апелицискиот суд во Битола, адвокатот со заменичко полномоштвто, Оливер Ристовски побара завршните зборови да бидат изнесени на наредното рочиште.
Инаку, како што беше истакнато на рочиштето, уредно поканетите Заев, Манчевски и Костовски не се појавија во кумановскиот суд. Одбраната го повлече предлогот за сослушување на Костовски кој требаше да биде сослушан на денешното рочиште, откако на претходната главна расправа беа сослушани сведоците на одбрана Зоран Заев и Дамјан Манчевски.
Цветковски во изјавата за медиумите потенцира дека обвинетите се обидуваат да добијат дополнително време со одлагањето на рочиштето за завршниот збор, кое е закажано за овој петок. Според него, тоа е легитимно, но, вели, се користи секоја можност за добивање на време.