Седницата на Советот на родители на белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ денеска е одложена на иницијатива на дел од родителите на учениците, изјави членот на советот Војин Шаљиќ.
Тој за агенцијата Бета изјави дека „одреден број родители“ поднеле барање за одложување на седницата и дека таа е одложена.
Тој потврди дека во тоа училиште денеска биле претставници на надлежните.
Српските медиуми јавија дека во училиштето се одржал состанок на групата родители од VII-2, одделението каде што се случи трагедијата на 3 мај, со неколку министри и претставник од кабинетот на премиерот и дека деталите од разговорот не беа откриени.
Претходно денеска над 200 родители на деца од ова училиште се приклучија на иницијативата за итно прекинување на наставата во постојната училишна зграда и учебната година да заврши на 3 мај, кога ученик од седмо одделение уби девет ученици и чуварот на училиштето.
Родителите кои ја поддржуваат оваа иницијатива сметаат дека планот за продолжување на наставата кој се спроведува од 10 мај е штетен за развојот на голем број ученици (ако не и сите), а единствено решение е итен прекин на наставата и крај на работната учебна година.
„Учебната година заврши трагично на 3 мај. Секој ден потоа не е продолжение на учебната година, туку вештачко преправање дека ништо не се случило. И тоа се случи. Нашите деца беа убиени на училиште“, се вели во соопштението, пренесува Танјуг.
На средбата, која траеше нешто повеќе од два часа, присуствуваа министерката за правда Маја Поповиќ, министерката за семејна грижа Дарија Кисиќ и претставници од министерствата за внатрешни работи и за здравство.